Претседателот на собраниската Комисија за надворешна политика Антонио Милошоски побара до министерот за надворешни работи Бујар Османи да реферира пред пратеницитe колку Бесмира Ејупи е стручна да работи во МНР.
Во однос на тоа дали ќе поднесе иницијатива за обраќање на Османи пред оваа собраниска Комисија поради нетранспарентност во однос на кадровската политика на МНР и конкретно за вработувањето на лицето Бесмира Ејупи, Милошоски рече дека министерот за надворешни работи согласно законот е должен најмалку двапати годишно да има излагање, обраќање, прашања и одговори пред Комисијата за надворешна политика, но тоа не значи дека не може да биде и почесто и најави дека ќе се обидат тоа да го предложат.
– Ова прашање предизвика големо внимание, ние како Комисија за надворешна политика ќе направиме напор министерот Османи да реферира пред пратениците за случајот на Бесмира Ејупи колку е квалификувана да работи во МНР, дали има трговија со влијание за нејзиното вработување и дали била негов предлог за конзул што потоа бил повлечен, но дали била формално предложена да биде конзул во Њујорк како претставник на Македонија. Тоа ќе го направиме и се надевам дека пратениците од мнозинството ќе не поддржат за еден ваков надзорен, би рекол, состанок каде што министерот би информирал за овој случај – рече Милошоски.