Градоначалничката Данела Арсовска и градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, денеска го означија почетокот на градежните работи за реконструкција на дел од улицата Бутелска.
„ Улицата Бутелска е најпрометната улица во општина Бутел и е во исклучително лоша состојба. Нејзината обнова е значајна за повеќе од 25.000 граѓани кои транзитираат низ општината, како и за поврзување на населените места. Со овој проект се реконструира улицата Бутелска на потегот од крстосницата со улицата „Александар Урдаревски“ до надпатникот на државниот пат А2 пред населбата Радишани. Во текот на градежните работи на улицата Бутелска се нанесува нов асфалт на површина од 7.687 квадратни метри. Обновата на коловозот на улицата Бутелска пред се ќе ја зголеми безбедноста за сите учесници во сообраќајот, а ќе овозможи и подобар проток на возилата – рече Арсовска.
За реконструкција на улицата Бутелска Градот Скопје ќе вложи околу 14,5 милиони денари со ДДВ, при што за реализација на овој проект постигнато е намалување на цената со електронска јавна аукција и заштеда од над 40% од проценетата вредност на проектот.
Значајно е да се нагласи дека за неполн месец од започнувањето на градежните работи на улицата Скоевска во населбата Радишани, која не е реконструирана повеќе од четири децении, проектот за реконструкција на овој дел од улицата Бутелска е втор поголем проект од ваков тип во општината Бутел за неполн месец, а во општината Градот продолжува и со креирање на нови зелени површини.
На подрачјето на оваа општина Градот Скопје подготвува и други, нови инвестиции, а сакам да најавам дека во наредниот период ќе ги започнеме и постапките за реконструкција на улицата Радишанска – најави градоначалничката Арсовска.