Било какво спречување на продолжување на процесот на евроинтеграции е правење штета на граѓаните, смета премиерот Димитар Ковачевски во врска со најавите на опозицијата дека ќе прави референдум заради свои партиски потреби и заради задржување на позицијата во партијата на лидерот Христијан Мицкоски.
-Колку брзо ќе се движиме ние во приклучувањето кон ЕУ сега зависи исклучиво од нас, бидејќи имаме задачи и активности коишто треба ние да ги спроведеме дома кај нас. Тоа се однесува како на спроведувањето на успешен скрининг за што веќе информиравме вчера за воспоставување на преговарачка структура, денес дојде и главниот советник кај мене којшто ќе работи со тимот. Тоа е бившиот хрватски главен преговарач со ЕУ и постојан претставник во ЕУ на Хрватска и се што се прави заради лични, партиски цели е нешто што е против членството на државата во ЕУ, потенцира премиерот.
Тој смета дека и во опозицијата има европски блок на политичари кои го поддржуваат членството на земјава во ЕУ и дека тоа ќе се потврди кога уставните измени заради внесување на делови од други народи во Уставот ќе бидат ставени на усвојување во Парламентот, по сите консултации и по целата процедура.
-И уште нешто сакам да додадам, а тоа е дека истата таа опозиција беше против Преспанскиот договор заради тоа што ќе сме го изгубиле идентитетот. Ниту изгубивме идентитет, ниту го спомнуваат Преспанскиот договор. Истата таа опозиција организираше референдум против територијалната поделба во државата и за време на тој референдум кој беше неуспешен зборуваше дека дента кога ќе дојдат на власт ќе ја укинат територијалната поделба. Единаесет години беа на власт не ја укинаа територијалната поделба. Истата таа опозиција не беше во Парламентот да гласа против Договорот со Бугарија. Претседателот на таа опозиција пред камери на бугарски јазик на бугарскиот премиер му кажа дека го поддржува Договорот за добрососедство со Бугарија и сега излегува со референдумско прашање против Договорот со Бугарија за кој пред камери го поддржа. Тоа е една неконзистентност, гледање лични партиски интереси кои немаат никаква поддршка ниту кај граѓаните, ниту кај политичките партии во опозицијата, нагласи премиерот Ковачевски.