Претседателот на Владата Димитар Ковачевски по повод Денот на независноста денеска заедно со министерот за здравство Беким Сали присуствуваа на презентација на апарат за зрачна терапија за онколошки пациенти во Градската болница „8 Септември”. Апаратот кој треба да биде целосно ставен во функција до крајот на годината го презентираше директорот на болницата Христијан Костов.
-Со овој апарат кој се очекува да биде ставен во полна функција до крајот на годинава, значително треба да се растерети притисокот на онколошкото одделение на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, бидејќи дури една третина од тамошните пациенти, здравствената нега и услуга ќе продолжат да ја добиваат во болницата „8 Септември“ на високо квалитетен акцелератор од понова генерација, ваков акцелератор нема во регионот овој е од понова генерација, изјави Ковачевски.
Како одговорна Влада која се грижи пред сѐ за граѓаните и работи во нивен интерес, премиерот вели„ направивме се што е во наша моќ да ги обезбедиме потребните услови и дозволи и да го ставиме во функција“.
-Токму затоа, симболиката на денешниот ден е јасна. Не случајно го избравме, Денот на независноста – 8 Септември да го презентираме овој значаен проект во истоимената болница.
Вложувањето во јавното здравство значат подобрени услови за работа на нашите доктори, професори и на сите здравствени работници, но пред сѐ вложување во поквалитетни здравствени услуги. Во таа насока ја истакнувам и мојата лична благодарност за посветеноста и партнерскиот пристап на поддржувачите на инвестициите, особено во здравствениот сектор во земјава, кој во услови на пандемија беше и најранлив, рече Ковачевски и додаде:
-Со овие вложувања, Владата ја искажува својата цврста решеност да продолжи да инвестира во здравствениот систем, што подразбира поквалитетен живот и подолг животен век на секој граѓанин.
Инвестиции во јавното здравство значат задоволни граѓани и мотивирани здравствени работници.
За две години дадени се повеќе од 5.000 согласности за вработувања во јавното здравство. Реализиравме 446 нови вработувања во јавното здравство во услови на пандемија од кои 164 доктори, 247 медицински сестри и 35 специјалисти добија статус на вработени на неопределено време. Истовремено работевме и на зголемување на платите на медицинскиот персонал. За четири години основната плата на лекарот специјалист е зголемена за 40%, на медицинските сестри до 23%, на општите лекари за 25% и 15% на останатите здравствени соработници.
Само со ваков системски пристап, системско дејствување кои го опфаќаат целиот здравствен систем можеме да постигнеме успех, изјави меѓу другото Ковачевски во своето обраќање.