Асномците и Илинденците ги поставија темелите на слободата и државноста. Граѓаните во 90-тите покажале свесност дека обеднувањето во минатото ја донело слободата, но знаеле и дека не смее назад од веќе постигнатото. Затоа погледот го насочиле напред кон остварување на независноста со определбата обединети да ја сочуваат веќе издвојуваната слобода, рече премиерот Димитар Ковачевски во воведот од своето обраќање на централната свечена прослава по повод Денот на независноста – 8 Септември, која се одржува на платото кај паркот „Ибни Пајко“ во Скопје.
Премиерот посочи дека две суштински нешта е потребно да се нагласат.
-Важноста да се има прогресивно и мудро лидерство и важноста на заедништвото во заложбите за постигнување напредок. Искуствата покажуваат дека мораше да се обединиме за независноста во 1991, мораше да се обединиме и кога одлучивме да спречиме проширување на конфликтот во 2001 година, мораше да се обединиме кога ја обновивме демократијата во 2017 година, мораше да се обединиме кога донесовме тешки државнички одлуки, со кои што РС Македонија ја развивме во доверлив партнер членка на НАТО во 2020 година. Ги отворивме преговорите со ЕУ. На патот кон независноста до денес наша светост беше да го зачуваме идентитетот и да ја развиеме функционалната мултикултурност. Македонците и македонскиот јазик се впишани во личната карта во ОН, рече меѓу другото Ковачевски во обраќањето.
-Нашата историја е запишана во нас, се пренесувала низ поколенијата и тоа е непроменлив факт. Седнавме на европската маса затоа што таму ни е местото и спроведувавме европски вредности. Имавме низ годините многу пријатели, лобисти и аргументи, имаме и денес, но на европската маса не немаше. Сега на масата ние ќе говориме во наше име, ќе се слушаат нашите аргументи и ставови и нашата вистина, додаде премиерот.
Ковачевски во обраќањето нагласи дека е потребно да сме обединети, не само дома, туку и во Европа, со демократскиот свет.
-Европа ги отвори вратите за нас. Дали ќе станеме дел од европското семејство, зависи од нас. Повикувам на обединување и во слободата на одлучување и за оваа цел вреди да се обединиме, исто како за независноста во 1991. Државничките одлуки значат лидерство и храброст за слободно одлучување. Нашата проценка е дека завршувањето на преговорите со ЕУ до 2030 година е реална, остварлива и неопходна цел, посебно во глобалната консталација на случувањата. Затоа е потребно одговорно однесување од сите во државата. Ги повикувам сите да ни се придружат, оцени Ковачевски.