На Европската Унија и е потребна Северна Македонија, исто како што на Северна Македонија и е потребна Европската Унија. Секоја земја станува полноправна членка со своја историја и свој идентитет, така ќе биде и овој пат. Ова се главните пораки што ги упати европратеникот Илхан Ќучук кој денеска во АУЕ-ФОН од проф. д-р Насер Етеми, претседател на Сенатот, прогласен за „почесен доктор” – Honoris Causa за придонесот на европеизација и креирање на добри политики и добрососедство како претседател на АЛДЕ и известувач за Македонија за Европскиот Парламент.
Тој потенцираше дека Северна Македонија го избра патот да изгради мултиетничко општество во кое сите коегзистираат.
– Охридскиот рамковен договор ги постави основите на овој соживот, кој стана пример за мултикултурна демократија. Денес тоа го ценат и меѓународните партнери. Северна Македонија свесно го избра патот на добрососедство и пријателство, потпишувајќи го договорот со Бугарија во 2017 година и Договорот од Преспа во 2018 година, со што се отвори патот на земјата кон НАТО и кон Европската Унија. Денес, Северна Македонија е почитувана членка на НАТО и пред само неколку месеци беше отворен нејзиниот пат кон ЕУ, рече Ќучук.
Зборувајќи за Европската Унија посочи дека секоја земја влегува во неа со своја историја и идентитет. Така ќе биде и со Северна Македонија.
– ЕУ не ги топи разликите, туку напротив – им дава можност да се развиваат. И ова е најголемото богатство на Унијата – нејзината различност. Нам Европејците ни треба Северна Македонија во ЕУ. Се покажа дека Бугарија и Северна Македонија се далеку и блиску. Можеби ова е судбината и на најблиските, понекогаш тие се далечни. Најчестото објаснување за тоа е изгубената доверба и непознавањето, потенцираше европратеникот.
Тој во своето обраќање истакна дека Европа е континент на можности а младите Македонци треба да имаат пристап до сите програми за нивен личен развој.
– И сакам Република Северна Македонија а особено нејзините млади луѓе да имаат пристап до ЕУ можностите. Сакам граѓаните на Република Северна Македонија да ги почувствуваат придобивките од членството во ЕУ, како што ги чувствуваат граѓаните на Бугарија, Грција и Романија. Ви ветувам дека ќе продолжам да работам за тоа. Денес се води војна на територијата на Европа, нешто што го заборавивме. Никој не предвидуваше дека ќе дојде ден кога повторно ќе владее правото на силните, а не силата на правдата. Она што се случи во Украина ја промени ЕУ. За прв пат Унијата презеде досега незамисливи акции. Но, и покрај тешкотиите и последиците од војната, убеден сум дека ЕУ од оваа криза ќе излезе посилна и пообединета, рече Ќучук.
Лидерот на АЛДЕ истакна дека знаењето не е вродено, никој не се раѓа образован и упатен, образованието само по себе не го менува светот, но луѓето кои го избрале образованието имаат јасна цел пред себе. Образованието е знак на еднаквост, дава продуктивни резултати, обезбедува идни лидери и е вистинскиот процес за трансформирање на современото општество.
– Би сакал да изразам огромна благодарност до АУЕ – ФОН и лично до Сефер Цаноски за честа да ми биде доделена титулата Doctor Honoris Causa. Тоа е признание не само за мене како политичар и граѓанин, туку и за партиите од либералното семејство кои ги застапувам и за кои образованието е највисока вредност во современиот свет, рече тој.
Според него образованието е средство за зближување на луѓето и за поврзување на општествата.
– Горд сум што го добивам ова академско признание токму денеска, ден откако Република Северна Македонија го прослави својот национален празник – Денот на независноста. За мене, сепак, има дополнителна вредност, бидејќи мојата татковина, Бугарија е првата земја во светот што ја призна независноста на Северна Македонија. Таа прва ги согледа новите можности за развој на Северна Македонија, прва што и подаде рака во тешките моменти на градење на модерна европска државност, истакна Ќучук.
На конференцијата “БГМК 2030: Младите и образованието како клуч за посилно евроатлантско сојузништво” присуствуваше македонска владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски, како и професори од двете земји, студенти и претставници на политички партии и граѓански организации.