Патријархот Кирил му пиша на архиепископот Стефан: Се надевам МПЦ-ОА цврсто ќе ја чува чистотата и непорочноста на православната вера

од Nikola Popovski
218 прегледи

Нашата Црква секогаш се стремеше да го поддржува македонското православие, во текот на многу години на сите можни начини, помагајќи го дијалогот помеѓу српските и македонските браќа по вера. Радосно е што сега тие усилби се овенчаа со обновување на општењето меѓу двете Цркви, вака неговата Сесветост Патријархот Московски и на сите Руси г.г. Кирил го почнува своето писмо до Неговото Блаженство Митрополитот Скопски и Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима г.г. Стефан, во кое го известува за прифатената автокефалија.

Патријархот Кирил напиша дека Светиот Патријарх Српски Порфириј се обратил до него со официјално известување за давањето на автокефалност на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија и со молба да ја признае таа автокефалност, давајќи им пример и на останатите помесни православни Цркви.

-На 25 август оваа година, Светиот синод на Руската Православна Црква, го разгледа посланието на Неговата Светост. Заблагодарувајќи Му на Господа за разрешувањето на статусот на Православната Црква во Северна Македонија на канонска основа, Светиот синод реши да ја признае Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија за сестринска автокефална Црква, и во свештениот Диптих, како Поглавар, да го впише името на Вашето Блаженство.

Соопштувајќи Ви братски за тоа решение, од лицето на Светиот синод и од сета полнота на Руската Православна Црква, се надевам дека Македонската Православна Црква ‒ Охридска Архиепископија, цврсто ќе ја чува чистотата и непорочноста на светата православна вера и ќе ја запазува верноста на православното канонско предание.

Уверувајќи го Вашето Блаженство во подготвеноста за развивање на сестрана соработка помеѓу нашите Цркви, молитвено Ви посакуваме телесни и духовни сили и изобилни милости од Господа и многу години поглаварско служење, а на Вашата богољубива паства ‒ мир и благоденствие. Со братска љубов во Христа Исуса, +КИРИЛ, ПАТРИЈАРХ МОСКОВСКИ И НА СИТЕ РУСИ, стои во писмото на рускиот патријарх.

Слични содржини