Околу активирањето на мазутарата во Неготино, директорот на АД ЕСМ, Васко Ковачевски информираше дека ТЕЦ Неготино работи со половина капацитет затоа што се прават подготовки и дополнителна набавка на мазут за да работи со цел капацитет.
-Или ќе имаме мало загадување или ќе имаме рестрикции во државата – трета опција нема. За набавката на гас и да ја направиме, ние немаме капацитети освен гасната електрана ТЕ-ТО во Скопје. Со ТЕ-ТО се вршат преговори, а потоа следува одлука на Влада. Има обезбедени количини за работа во октомври месец. Доколку направиме договор во континуитет ТЕ-ТО да работи и да испорачуваме електрична енергија кон отворениот пазар и бизнис секторот, ЕСМ ќе го набави гасот со владина поддршка, гасот по пониски цени од тие на пазарот. Ние правиме напори да го обезбедиме од нашето соседство или од други извори. Гас мораме да обезбедиме. Сега бараме пониска цена на гас од таа што се набавува. Државата треба да обезбеди сите потребни количини, рече Ковачевски во емисијата „Топ тема“.