Претседателот на собранието, Талат Џафери, ја отфрли иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за референдум за поништувањее на договорот со Бугарија.
Во одговорот до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, Џафери пишува дека иницијативата за референдум не е во согласност со Уставот во кој е утврдено дека меѓународноте договори што се ратификувани се дел од внатрешниот правен поредок и не може да се менуваат со закон.
Иницијатива за референдум на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ е спротивна на македонскиот устав и треба да се отфрли, порачаа од СДСМ.
Координаторот на пратеничката група на социјалдемократите и коалицијата, Јован Митрески, со ист партиски став како и претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој во писмо до Мицкоски ја отфрли иницијативата. Како што рече Митрески, иницијативата е спротивна на членот 118 од Уставот.
Тој му порача на лидерот на опозициската партија дека Собранието не може со закон да прекине друг закон затоа што тоа е спротивно на членот 118, но укинување може да направи извршната власт (Владата) што е предвидено и во самиот Договор за добрососедство.
„Сите знаат дека овој референдум нема да успее и не е зацртан на ваков начин со цел да успее. И тој самиот знае дека нема да успее. Затоа впрочем и сака да се скрие зад граѓаните. Зошто? Нели кажува дека кога и да има избори ќе ја освои власта, па според член 13 став 3 од Договорот како извршна власт може да го прекине Договорот и да ја извести другата страна… Но тој сака да се скрие и потоа да има алиби за правдање дека нема да го укине Договорот затоа што едно зборува пред неговите членови, едно на протестите, друго на други места … Прави сè само за да ја заштити сопствената фотелја во Белиот дворец и групата околу него. Ова ВМРО-ДПМНЕ не е тоа од 90-тите години кога гласале државнички и стратешки одлуки за наше членство во ЕУ и НАТО“,рече Митрески.
Од ВМРО-ДПМНЕ ја обвинија власта дека бега од народот и порачаа дека одбивањето на иницијативата за референдум само дополнително ќе ги заостри односите во Собранието. На прашањето дали ќе поднесат нова иницијатива, пратеничката Стојановска одговори дека тоа ќе го направеле доколу се работено за некои нормно-правни технички забелешки, но во случајот власта покажува класично основно правно непознавање.
Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојановска, тврдеше дека не е точно тврдењето на Џафери за противуставноста на иницијативата и вели дека таа не го крши Уставот, а е и во согласност со членот 24 од Законот за референдум.
„Референдум за поништување на Законот за ратификација на Договорот со Бугарија е во согласност со членот 24 од Законот за референдум и не е во спротивност на Уставот. Членот 24 од Законот за референдум овозможува да се прави референдум и за меѓународни договори. ВМРО-ДПМНЕ има референдумско прашање со кое не ја менува содржината на договорот туку го спори законот за ратификација со која тој се прогласува за важечки. Антимакедонската СДС бега од македонскиот народ и останатите граѓани кои се против коалицијата СДС-ДУИ и не ја заслужуваат нивната доверба. Се плашат и бегаат од избори, бегаат од референдум, но нема да избегаат од следниот изборен пораз после кој следи одговорност пред законите и Уставот“,рече Стојановска.