Костадиновска-Стојчевска во Корча: Ги афирмираме македонскиот јазик и култура

од Nikola Popovski
227 прегледи

Денеска министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, престојуваше во работна посета на Корча, Република Албанија, придружувана од деканот на Педагошкиот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола, Добри Петровски; претседателот на Советот за македонски јазик, проф. Људмил Спасов, и амбасадорот на Северна Македонија во Албанија, Данчо Марковски.

Целта на работната посета беше финализирање на подготовките за вклучување на македонскиот јазик во наставно-образовната програма во рамките на Универзитетот „Фан С. Ноли“ во Корча.

„Грижата за идентитетските особености, со акцент на негување на јазикот и на културните вредности се врвни приоритети на Владата на Р.С. Македонија“, рече министерката за култура Костадиновска-Стојчевска.

Костадиновска-Стојчевска имаше средба и со ректорот на Универзитетот, проф. Димитар Бело. На средбата беа разменети идеи за конкретна соработка меѓу Педагошкиот факултет од Битола и Универзитетот „Фан С. Ноли“ во Корча.

Министерката Костадиновска-Стојчевска ја искористи посетата и за средба со градоначалникот на Корча, Сотирач Фило, со кого разговараше за планираните активности околу организирањето на Денови на македонската култура во Корча, кои би се реализирале во втората половина на октомври.

Слични содржини