Левица поднесе кривична пријава против Џафери заради спречување на референдумот

од Берта Китинска
197 прегледи

Правниот сектор на Политичката партија Левица, до Основното јавно обвинителство – Скопје, поднесе кривична пријава против претседателот на Собранието на Република Македонија – Талат Џафери, бидејќи тој, своеволно и спротивно на Уставот, Законот и Деловникот го оневозможил спроведувањето на граѓанската иницијатива на државно ниво за собирање на 150.000 потписи за распишување задолжителен дополнителен референдум за Законот за ратификација на Договорот за добрососедство со Бугарија, соопштија од Левица.

-Пријавениот се терети дека, намерно и со умисла, преку противуставното, противзаконското и противделовничкото одбивање на уредната граѓанска иницијатива – поднесена од страна на група од 646 граѓани, на пропишаниот образец од страна на Државната изборна комисија – сторил тешко кривично дело против изборниот систем – „Спречување на избори и гласање”, казниво по чл. 158, ст. 1 од Кривичниот законик, со запретена минимална затворска казна од најмалку три години, информираат од партијата.

Во пријавата се нотира дека, со ова свое инкриминирано деликтно дејствие, преку злоупотреба на своите службени овластувања, пријавениот арбитрарно го ускратил врховното колективно уставно право на граѓаните, како носители на народниот суверенитет, на т.н. директна демократија, свесно спречувајќи нивно непосредно изјаснување по пат на референдум. Со тоа, тој од старт ја осуетил и ја спречил законската можност за собирање потписи за распишување државен референдум, гарантирана во Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните, манипулирајќи ја и непочитувајќи ја изречно предвидената подзаконска деловничка процедура за постапување во случај на поднесена иницијатива од група-граѓани, како овластени предлагачи, нагласуваат од Левица.

Според нив спикерот не е надлежен да се впушта во мериторно оценување на иницијативата за распишување референдум, туку исклучиво може само да ја цени нејзината уредност, како поднесок, од формално-правен аспект; тoj не можел сам, без претходно прибавено мислење од две собраниски комисии, да одлучи за уредноста на иницијативата; Џафери бил должен прашањето да го префрли на парламентарниот пленум на Собранието, поради тоа што само тоа има уставна и материјална надлежност да цени дали истата ќе продолжи или ќе запре, бидејќи единствено Собранието, во полн состав, на пленарна седница, е надлежно ad meritum да одлучи за уредноста или неуредноста на поднесената граѓанска иницијатива – преку носење на подзаконски правен акт наречен „Заклучок” (а не „Известување”)!?

Слични содржини