Попладнево 65-годишна жена беше спасена од велосипедист кој случајно минувал под мостот кај МАНУ и без никакво размислување се фрлил по жената која во едната рака имала шише со бензин, а во другата запалка. Двајцата завршиле во Вардар, а потоа заедно излегле од реката. Херојот на денот се вика Христијан Тодоровски (26).
Тој во изјавата за „МКД.мк“ вели дека инцидентот се случил околу 13.30 часот кога возејќи со велосипед по кејот, забележал невообичаено присуство на полицајци распоредени по горното шеталиште. Имало педесетина, вели. Кратко потоа видел постара жена, со шише во рацете. Еден од полицајците му викнал да побрза и да се обиде да ја спречи жената.
„Го фрлив точакот и се стрчав кон неа. Таа даваше отпор, се обидуваше да го отвори шишето со бензин и да ја употреби запалката. Некако успеав да ѝ го земам шишето кое веднаш го фрлив во реката, но заедно завршивме во Вардар. Ја задржав до мене, а потоа дојде еден униформиран полицаец и неколкумина во цивил кои ни помогнаа да излеземе од реката. Таа цело време викаше да ја пуштам, да ја оставам, беше многу вознемирена, плачеше… Потоа заминав“, изјавил Тодоровски.
Со возило на Брза помош жената веднаш била пренесена во комплексот клиники „Мајка Тереза“.