„Северномакедонскиот министер за надворешни рабтоти Бујар Османи за ТВ Сител го изјави следново: „Исходот од преговорите со Бугарија заврши со 3 спрема 1 за нас. Го задржавме јазикот, почнавме преговори за членство во ЕУ и ги оставивме историските прашања надвор од патоказот. Бугарија доби промена на Уставот некаде на средина на процесот, по почетокот на преговорите. Поради оваа причина, мислам дека тоа беше добар компромис“. За овој резултат 3:1 за Северна Македонија, Продолжуваме со промените, ГЕРБ, ДПС, Демократска Бугарија гласаа во бугарскиот парламент, а БСП останаа воздржани“.
Вака на својот Фејсбук профил напиша лидерот на бугарската партија „Има таков народ“ Слави Трифонов. Тој нагласи дека неговата партија гласала „против“.
„Не заборавајте дека исмејувањето на бугарската историја и меморија и одбивањето веднаш да се заштитат правата на Бугарите во Северна Македонија, а не некаде во далечна иднина, е една од причините поради која падна владата на Кирил Петков“, потенцира Трифонов.
Шефот на македонската дипломатија Бујар Османи пред неколку дена зборуваше дека за да продолжи отворањето и затворањето на поглавјата има еден услов и тоа беше компромисот со Бугарија.
„Да ги потсетам уште еднаш граѓаните, секогаш велам исходот на преговорите со Бугарија беше 3:1 за нас, ние го зачувавме јазикот, ги почнавме преговорите, ги оставивме историските прашања надвор од патоказите, од овие акциски планови, а Бугарија доби промена на Уставот некаде на средина на процесот, односно после почетокот на преговорите. Затоа сметам дека беше добар компромис, плус имајќи предвид дека уставните измени не се контроверзни. За уставните измени има консензус во јавноста дека тоа не е штетно за државните интереси, за интересите на кој било“, нагласи Османи во гостувањето.