Продолжува во Собранието расправата за изборот на јавниот обвинител Љубомир Јовески за уставен судија
На седницата што се одржа во петокот заменик-координаторката на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Ели Панова најави дека опозициските пратеници ќе имаат долги говори, и го повтори ставот на партијата зошто не го поддржуваат Јовески да стане уставeн судија. Таа потенцира дека тие колку што можат подолго демократски ќе го одолговлекуваат гласањето за него, сакајќи да спречат тој да стане уставен судија.
Од предложените шест кандидати за уставни судии на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, ниту еден не доби поддршка. Партијата ги предложи Саво Климовски, универзитетски професор, Тодор Витларов, вработен во Вишото јавно обвинителство во Штип, судијата во пензија Бранко Секуловски, Воислав Димовски, доскорешен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Охрид и судијката од Управниот суд, Весна Јовановска и професорка Родна Живковска.
Уставниот суд повеќе од една година работи во нецелосен состав. Од предвидените девет члена, на четворица им е истечен мандатот.