Ковачевски за дезертерството: Се злоупотребува мојот здравствен предизвик

од Берта Китинска
289 прегледи

ВМРО-ДПМНЕ не бира ни средства ниту начин за да го сврти вниманието на јавноста од големите корупциски скандали и превирања во нивната партија. Тоа само потврдува дека се она што го гледаме во јавноста изминатата недела е вистина и ВМРО-ДПМНЕ се наоѓа во огромна криза, изјави премиерот Димитар Ковачевски во врска со изнесените информации од страна на опозицијата која вели дека премиерот дезертирал во 2001 година со образложение дека е трајно неспособен.

-Сепак, јас како претседател на СДСМ никогаш нема да дозволам политичката дебата да падне толку ниско како што посакува ВМРО-ДПМНЕ и културно ќе одговорам на лагите и навредите. Никогаш ниту сум избегнувал ниту бегал од одговорноста за служење на воениот рок. Само нечесни и уплашени луѓе злоупотребуваат нечиј здравствен предизвик и последователна хируршка интервенција од пред 20 години за да го прикријат својот срам и криминал. Но, не сум изненаден. Не сум изненаден и за сите други лаги, клевети, лажни вести и манипулации од ВМРО-ДПМНЕ. Тие не се менуваат, а скандалите во Град Скопје само потврдуваат дека не само што партијата не е реформирана, туку дополнително криминализирана. Граѓаните тоа го гледаат и самите ќе судат, наведува претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.

ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес-конференција објави документ, според кој како што велат од партијата премиерот Димитар КОвачевски го избегнал отсложувањто на воениот рок преправајќи се со лекарско уверение дека е неспособен за служење војска.

-Ова е документот, извадок од евиденциона книга на АРМ, објавен на социјалните мрежи. Од овој документ јасно се гледа дека Ковачевски од страна на лекари е прогласен за трајно неспособен. Ова води до два заклучока. Или Ковачевски го злоупотребил влијанието на татко му кој тогаш бил градоначалник на Куманово и партиски функционер на СДС и добил лажно лекарско мислење, или тој навистина е трајно неспособен, изјави на денешната прес-конференција Драган Ковачки, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.