Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган рече дека верува оти рускиот лидер бара крај на војната што започна во Украина и дека ќе биде преземен „значаен чекор“ во таа насока.
Тој рече дека неговиот впечаток од неодамнешните разговори со Владимир Путин е дека сака „да го заврши ова што е можно поскоро“.
Украина повторно зазеде делови од својата територија овој месец. Турскиот лидер посочи дека работите се „прилично проблематични“ за Русија.
Ердоган зборуваше и за „многуте опсежни разговори“ со Путин на самитот во Узбекистан минатата недела.
Во интервју за американската телевизија PBS, турскиот лидер рече дека добил впечаток дека рускиот претседател сака брз крај на војната.
„Тој всушност ми покажува дека е подготвен да стави крај на ова што е можно поскоро“, рече Ердоган.
„Тоа беше мојот впечаток, бидејќи начинот на кој се одвиваат работите во моментов е прилично проблематичен“.
Ердоган изјавил и дека наскоро ќе бидат разменети 200 „заложници“ меѓу двете страни.
Турскиот лидер не соопшти повеќе детали за тоа кој би бил вклучен во ваквата размена на затвореници, пишува Би-Би-Си.