Во Аргентина, веројатно најопседната земја во светот со фудбал, моментално има недостиг од сликички за Светското првенство во Катар.
На многу продажни места има знаци „немаме повеќе сликички или албуми“, а каде и да пристигне нова пратка, таа се распродава за неколку часа.
Не се само децата „луди“ по сликички туку и возрасните.
„Фрустрирачки е што не можам да најдам сликички. Секој ден кога ќе се вратам дома, децата ме поздравуваат со прашањето: „Тато, дали купи сликички?“ А немаме каде да ги купиме“, вели 38-годишниот Езекиел Клавери, татко на три деца.
Производителот италијанската компанија Панини, причината за недостигот ја гледа во тоа што годинава во собирање се вклучиле многу возрасни.
Во Аргентина, едно пакетче со сликички чини 150 пезоси, што е приближно 1 евро, а за да се пополни албум треба да се соберат 638 сликички. Со оглед на големиот број на дупликати, се проценува дека за пополнување на албумот треба да се издвојат околу 20.000 пезоси (над 130 евра), што е висока сума во земја која е во длабока економска криза.