Воопшто не се плашиме од никакви фракции бидејќи фракции не постојат во нашата партија. ВМРО-ДПМНЕ ќе остане обединета, како и претходно, се до своја конечна цел – уривање на оваа власт. Мислам дека е тотално непотребно да се разговара за смешни иницијативи кои се обидуваат да гравитираат во текот на денот, оценува портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
Според него, „граѓаните се смеат“ на денешната прес-конференција на Оливер Андонов, кој е иницијатор за смена на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
-Ова испадна сеирџиски за граѓаните. Се смеат на тие иницијатори. Кога ќе ја погледнете самата консталација на луѓе, ќе сфатите дека е далеку од било каква иницијатива со суштина и тежина за промена на било што во ВМРО-ДПМНЕ. Никој од членството не бара промени, додава Арсовски во гостувањето на емисијата „Топ тема“.
Портпаролот на најголемата опозициска партија вели дека ја слушнал прес-конференцијата на фракцијата и не слушнал никаква музика што била пуштена од седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.