Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски одржа предавање на реномираниот Универзитет Колумбија во рамките на Форумот на светски лидери. Во фокусот на предавањето беше уникатниот модел на одржлива демократија на Република Северна Македонија, како и економската интеграција и трансформација на земјата.
Во продолжение е интегралниот говор на премиерот Ковачевски.
-Bлагодарен сум што можам да го претставам нашиот модел затоа што тоа е важно за нашата земја, важно е да се зборува за нашиот политички и економски модел пред професорите но и пред идните лидери како што сте вие овде денес студентите на Универзитетот Колумбија.Кога со моите советници дискутиравме за концептот, за овие 10 – 15 минути воведно предавање им кажав дека не сакам да зборувам за минатото туку што имаме постигнато и каде сакаме да се движиме. Затоа и на самиот почеток би сакал да ги повторам главните глобални позиции поврзани со блиското минато за Северна Македонија.Пред само еден месец, прославивме 31 година од нашата независност, суверенитет и развој како независна држава по распадот на поранешна СФРЈ. Северна Македонија ја стекна својата независност по мирен пат спроведувајќи ја својата специфична политика за зачувување на стабилноста на земјата преку изнаоѓање на решенија преку дипломатски напори. Ако сакате да најдете место во светот каде што се користат дипломатски напори и користењето на мека сила тогаш тоа е Република Северна Македонија и сите договори кои ги направивме интерно во државата но и надворешно со соседите се всушност функционално одржливи, кажа Ковачевски.
Тој посочи дека тоа и дала можност на земјата да напредува во постигнувањето на своите стратешки цели.
-Во поширок контекст мојата земја е навистина редок пример на Балканот каде што мислам дека не треба да ве потсетувам на насилството, војните и економските притисоци. Правилото дека победува посилниот на Балканот особено на земјите на поранешна Југославија, но тоа не беше случајот со Северна Македонија. Во 1991 мирно излеговме од Југославија и тоа беше направено на лидерството што го имавме во тоа време за тоа што знаете, не беше лесно практично да се преговара со режимот на Милошевиќ во тоа време. Не беше возможен мирен распад, но во нашиот случај тоа беше успешно.
Сите коалициски Влади што стапуваа на власт имаа барем еден коалициски партнер од албанската етничка заедница што ја имаме во државата, тоа е важна затоа што албанското малцинство е најголемото малцинство во нашата земја.Исто така политичките партии од други малцинства се дел од Владата. Ако го видите составот на мојата Влада во моментов ќе видите дека имам партнери од етничките албански партии, од бошњачките, од ромските, од српските и тоа според мене дава поголема креативност и дава сила на Владата бидејќи на една маса ги имате сите важни мислења за емотивните прашања така би сакал да го наречам тоа, појасни премиерто.
Според него најлесен начин да се справиме со работите е „кога сите луѓе го имаат истото ниво на информации, кога не постојат конфликти“, појаснуваќи дека во текот на периодот од 30-тина години земјата се развива како демократски модел што е многу познат и тој е дел од нашиот Устав, со функционална мултиетничка демократија.
-Имаме добро познат и ценет систем на бадентеровиот принцип на двојното мнозинство каде што не се брои само мнозинството туку и мнозинството на помалите етнички заедници кои што се претставени во Собранието, кога се дискутираат прашања кои влијаат врз нив, го користиме токму ова правило на мнозинство во Собранието.Таквата политика и механизми реално функционираат и создаваат резултати затоа што се втемелени во севкупната национална политика, активниот политички дијалог како и проширените дипломатски напори. Значаен аспект во развивањето на овој систем е потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, бидејќи тој е уникатен и успешен концепт на решавање на идентитетските судири. Во овој момент имаме судир на идентитети кои што се случува во Украина, имавме судир на идентитети од помал размер што се случуваше во Северна Македонија, во тоа време Македонија. Всушност токму овој договор даде можност за земјата да го изгради ова мултиетничко општество каде што секој граѓанин ја чувствува земјата како место каде може лично и професионално да расте во текот на неговиот живот и кариера.Европските искуства покажуваат дека ваквиот тип на конфликти се останати како смрзнати конфликти (како што е грчко-турскиот конфликт, корзиканско-францускиот конфликт, баскиското прашање во Шпанија). Тие се помалку или повеќе смрзнати. Во Северна Македонија овој договор ни дава можност да го решиме овој проблем или предизвик со кој се соочуваше земјата. Исто така треба да се подвлече дека од сите успешни договори и спогодби постигнати досега два или три од нив се на Северна Македонија. Не само Охридскиот рамковен договор, тука го имаме и Преспанскиот договор како и Договорот за пријателство со Бугарија, вели Ковачевски.
Премиерот кажа дека дека С.Македонија има еден интерен договор и два надворешни или соседски договори кои што ја дефинираат внатрешната и надворешната политика на државата „и тие се основа за постигнување на стратешките цели. Со Грција успеавме да најдеме решение за уставното име на државата, истовремено зачувувајќи го идентитетот и јазикот на граѓаните“.
-Вториот договор со Бугарија всушност повторно беше многу емотивен затоа што обично ги делам преговорите на два големи вида, емотивни и неемотивни. Со грчките преговори не бев директно вклучен но да речеме дека грчката страна преговараше на малку порационално ниво, а ние преговаравме на малку поемотивно ниво. Но, со Бугарите, тоа се преговори кои јас ги водев двете страни имаа емотивен пристап кон преговорите и беше навистина многу потешко да се најде решение. Заедно со помош на Европа, на Франција и Германија земјите кои секогаш биле дел од олеснувањето на овие процеси успеавме да го најдеме вистинското решение за иднината.Во врска со војната во Украина, ја сметаме оваа војна како закана за демократскиот свет, затоа што оваа војна е класичен пример за решавање на судир на идентитети но не со мирни средства туку со насилство и војна. Руското влијание во регионот ќе го дестабилизира функционалниот систем во мојата држава, но и системите на државите на целиот Балкан.Имавме дискусија со вашите професори и всушност руското влијание секогаш било насочено кон словенските земји, таму е полесно поради јазикот, поради сличностите во јазикот, поради историските настани но она што е добро е што по важните одлуки што ги донесовме, по успешните преговори што ги направивме со нашите соседи, Северна Македонија во овој момент е темелот на стабилноста на Балканот. Ние сме можеби мала земја но сме темел на стабилност за Балканот. Ние сме пример за регионот но и за пошироко за тоа како меката дипломатија но и како со моќта на преговорите и дипломатијата можеме да ги решиме историските но и прашањата кои се поврзани со идентитетот, подвлече премието.