Со коалициските партнери не сме имале средба, ниту сме разговарале за реконструкција на Владата, вели за „Локално“ лидерката на ДОМ, Маја Морачанин во врска со информациите во медиумите дека во политичките кругови веќе започнало да кружат информации дека Владата планира да направи мини реконструкција откако министерот за локална самоуправа и лидер на ЛДП, Горан Милевски соопшти дека се повлекува од владиниот кабинет.
-За оставката на министерот за локална самоуправа, Милевски, дознавме од медиумите. Очекувам во следниот период да оствариме средба со Премиерот Ковачевски, вели Морачанин.
Од партијата на Гаши претходно изјавија дека Владата функционира најнормално и дека не е потребна смена на кадрите.
-Сега за сега владата функционира најнормално и нема никаква причина за некој вид на реконструкција. Нашите министри, Беким Сали и Адмирим Алити, се меѓу најуспешните кадри не само од Алтернатива, туку и во целата Влада. Затоа не гледаме никаква причина за отварање вакви непотребни теми, информира за „Локално“ од Алтернатива.
На прашањето од нашата редакција упатено до СДСМ, дали на местото на министерот за транспорт Благоја Бочаврски чие име се најде на „листата“ ќе дојде нов кадар од владејачката партија кусо одговорија: „Тоа се шпекулации, реконструкцијата на Владата не е тема“
Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ и членка на партискиот Извршен комитет, Дафина Стојаноска, изјави дека по оставката на Милевски нема да претставува изненадување ако дојде до евентуалната реконструкција на Владата.
Од друга страна првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, кој е еден од функционерите на ДУИ, изјави дека по оставката на Милевски не е планирана никаква владина реконструкција.
Б.М.