Лажна вест е информацијата за моја смена и таа не заслужува никаков коментар, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи во однос на наводната понуда за негово разрешување од министерската функција.
Османи кажа дека во партијата има големо ниво на демократија и секој може да го каже својот став, но дека последниот збор го има лидерот Али Ахмети.
– Со вчерашната изјава на Ахмети, мислам дека тука е завршена таа приказна, изјави Османи, одговарајќи на новинарско прашање на денешниот брифинг во МНР.
Прашан за тоа дали внатрепартиските превирања ќе влијаат на стабилноста на Владата, Османи рече дека ДУИ е фактор на стабилност изминатите 20 години и дека така и ќе продолжи.
– ДУИ е стабилна политичка структура, не очекуваме никаков понатамошен развој на настаните, додаде Османи.
Телевизијата ТВ21 објави дека наводно за да се смират незадоволниците им било доставен предлог Османи да биде сменет од функцијата министер, но дека тие го одбиле предлогот наведувајќи дека проблемот е Груби и дел од другите министри.