ЕСМ ќе раководи со парното во Скопје, болниците и училиштата ќе добиваат поевтина електрична енергија

од Nikola Popovski
226 прегледи

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, на синоќешната вонредна прес-конференција ги соопшти одлуките кои беа донесени на Економско-енергетскиот совет, а во насока на стабилно обезбедување на топлинска и електрична енергија.

Според премиерот, основните и средните училишта низ земјава ќе бидат префрлени на регулираниот пазар, додека сите здравствени установи ќе бидат обезбедени со електрична енергија преку ЕСМ продажба по поповолна цена од берзанската.

-Донесовме одлука, на регулиран пазар да бидат и основните и средни училишта на територијата на цела држава, без разлика што обврската за обезбедување на образовниот процес е на самите општини. Исто така донесовме одлука со која сите јавни и здравствени установи ќе бидат обезбедени со електрична енергија преку ЕСМ продажба по поволна цена од берзанската. Затоа што грижата за граѓаните и обезбедување на здравствена заштита е императив на оваа Влада, рече Ковачевски.

Премиерот исто така најави дека грејната сезона во Скопје ќе почне на 15 октомври, дека има пари за производство на топлина, а се очекува Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) наскоро да добие лиценца за управување со топланите во Скопје.

-Парно за скопјани ќе има. Донесена е одлука за почнување на постапката за издавање на лиценца за производство на топлинска енергија од регулиран пазар согласно член 6 од Законот за енергетика на ЕСМ. Ги повикувам Град Скопје, Регулаторна комисија за енергетика и Комисијата за заштита на конкурентност во најбрзо време да дадат позитивно мислење, со што ќе се створат условите за целосно функционирање на ЕСМ со топланите, кажа Ковачевски.

Тој додаде дека во однос на електричната енергија, домаќинствата и малите потрошувачи ќе добијат сигурна, стабилна и континуирана испорака на електрична енергија.

-80 % ја субвенционираме сметката за електрична енергија за 650 илјади домаќинства, а над 70 илјади компании и други правни субјекти (до 2 милиони евра годишен промет) ќе добијат субвенционира електрична енергија која е три пати пониска од берзанската, појасни премиерот на вонредната прес-конференција.

Покрај Ковачевски, присутни беа и вицепремиерот Фатмир Битиќи, министрите за финансии и за економија, Фатмир Бесими и Крешник Бектеши, министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, како и директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски.