САД за договорот на Србија со Русија: „Изненадувачки чекор во погрешна насока“

од Stefanija Kuzmanovska

САД сметаат дека ниту една земја не треба да ја проширува соработката со Русија додека таа ја продолжува својата агресија врз Украина, објави американскиот Стејт департмент во врска со одлуката на министерството за надворешни работи на Србија да потпише план за консултации со руското министерство за следните две години.

Документот беше потпишан минатата недела, за време на Генералното собрание на ОН во Њујорк, од шефот на српската дипломатија Никола Селаковиќ и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, потсетува „Гласот на Америка“.

Селаковиќ рече дека тоа е технички документ кој е потпишан од 1996 година и дека содржи изјави поврзани со Косово и надворешната политика и дека во него нема елементи на безбедносна политика.

Портпаролот на Стејт департментот, како одговор на барањето на „Гласот на Америка“ за коментар, синоќа изјави дека „вестите за договорот се изненадувачки и во целосна спротивност со другите конструктивни средби што се одржаа со српските претставници во Њујорк.

Во реакцијата не е прецизирано за кои средби станува збор. Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во Њујорк разговараше, меѓу другите, со советникот за национална безбедност на Белата куќа Џејк Саливан и со потсекретарот за политички прашања Викторија Нуланд.

„Понатамошното усогласување со Русија е чекор во погрешна насока и е во спротивност со изразените европски аспирации на Србија. Србија треба да ги забрза чекорите за напредување на европскиот пат, вклучително и диверзификација на изворите на енергија за намалување на енергетската зависност од Русија и усогласување на надворешната и безбедносната политика со Европската унија“, нагласи неименуван портпарол на Стејт департментот.

Стејт департментот порача дека САД „продолжуваат силно да ја поддржуваат целта на Србија да стане членка на ЕУ“.

„Јасно е дека Русија не го поддржува пристапувањето на земјите од Западен Балкан во Европската Унија и само се обидува да предизвика поделби во регионот. Иднината на Западен Балкан е недвосмислено во ЕУ; проширувањето промовира долгорочен мир, стабилност и просперитет во целиот регион“, се заклучува во реакцијата.

Слични содржини