Откако партијата „Браќа на Италија“ предводена од Џорџа Мелони освои најголем број гласови на парламентарните избори во Италија, во оваа земја следеа консултации за формирање влада, а еден од учесниците во овој процес е Силвио Берлускони.
Основачот на партијата „Форца Италија“, заедно со партиите „Браќа на Италија“ и „Лига“, треба да ја формираат новата италијанска влада, која многумина ја сметаат за најдесничарска од крајот на Втората светска војна.
Берлускони во интервју за „La Stampa“ објасни како досега разговарал со Мелони, но и со Матео Салвини. Сепак, во разговор со новинарите не сакаше да открие детали од средбата.
– Никогаш не сум ги открил моите приватни разговори со дамите. Тоа е старо правило и нема да правам исклучок ниту сега кога г-ѓа Мелони најверојатно ќе стане нова премиерка на земјата – изјави Берлускони.
Кога станува збор за самиот состав на владата, Берлускони објасни дека не верува во влада која би се нарекла чисто експертска.
– Не се работи за бројки, туку за самото значење. Не верувам во чисти експерти. Да постоеја, политиката ќе беше бескорисна. Отсекогаш сум сакал да вклучам во моите влади луѓе кои се поврзани со нас, кои го делат нашиот политички проект и кои имаат врвен професионален, академски или бизнис план и програма – смета Берлускони.
Исто така, Берлускони во разговорот откри дали има намера само да биде член на Сенатот или пак конкурира и за други функции.
-Ќе го направам тоа што ќе побара од мене државата и пред се десниот центар. Очигледно, ако размислите за приказната за мојот живот, можете да разберете дека улогата што ја играм ја надминува секоја формална задача, особено во меѓународното сценарио, објасни лидерот на партијата Форца Италија.
Едно од прашањата на кои Берлускони одговори е поврзано со односот на Италија со Русија, а Берлускони понуди интересен одговор.
– Кон Русија треба да имаме ист однос како и претходната влада. Сепак, би додал дека кога ќе дозволат околностите, јас ќе бидам првиот што ќе инсистира на дипломатско решение. Сметам дека војната е неподнослива и лудилото на секое лудило. Меѓутоа, дипломатско решение подразбира апсолутно единство на Западот и под никакви околности не може да се размислува за жртвување на слободата и правата на украинскиот народ – заклучи Берлускони.