Претседателот на Украина, Владимир Зеленски, синоќа изјави дека киднапирањето на главниот директор на нуклеарната централа Запорожје во Украина е чин на рускиот терор.
„Ова е уште еден пример за јасен чин на рускиот терор, за кој терористичката држава мора да сноси се поголема казна“, рече Зеленски во ноќното обраќање.
Руска патрола го уапсила Игор Мурашов во петокот, соопшти во саботата државната компанија задолжена за централата, а Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA) соопшти дека Русија го потврдила потегот.
Шефот на IAEA повика на ослободување на Мурашов, велејќи дека неговото притворање претставува безбедносна закана.
„Генералниот директор на IAEA, Рафаел Гроси, изрази надеж дека Мурашов безбедно и брзо ќе се врати кај семејството и дека ќе може да ги продолжи своите важни функции во фабриката, објави агенцијата на Твитер.
IAEA бара појаснување
IAEA беше во контакт со властите барајќи појаснување за неговиот привремен притвор, за кој наведе дека има „многу значајно влијание“ врз агенцијата и стандардите за нуклеарна безбедност и заштита.
Се очекува Гроси следната недела да разговара во Москва и Киев за создавање на заштитна зона околу нуклеарната централа Запорожје.