Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, денеска упати покана до лидерите на земјите од ЕУ за првиот состанок на Европската политичка заедница на 6 октомври во Прага, а еден ден подоцна и на неформалниот самит на Европскиот совет.
Лидерите на ЕУ ќе разговараат за тоа како да се засили поддршката за Украина по неодамнешните случувања, вклучително и потегот на Русија минатата недела да прогласи анексија на четири региони на Украина, заедничките следни чекори за борба против зголемените цени на енергијата и европскиот одговор на истекувањето гас од гасоводот Северен тек.
Средбата ќе се одржи во Прашкиот замок на 6 октомври, со воведна пленарна седница од 13 до 14 часот, по што ќе започнат дискусиите на тркалезната маса, а на крајот на денот ќе има простор за билатерални средби.