Ранѓеловиќ: Неизвесноста на македонската ЕУ интеграција до крај ќе зависи од политичките динамики во Софија

од Берта Китинска
291 прегледи

Враќањето на ГЕРБ на политичката сцена по изборите во Бугарија отвора дилема околу иднината на компромисот со кој нашата држава треба да ги почне преговорите со Европската унија.

Политикологот Иво Ранѓеловиќ е на мислење дека без разлика на победникот, „бугарската надворешна политика е завиткана во поклонот познат како француски предлог“.

-Нема простор за нова политика кон Македонија .Без разлика на победникот, бугарската надворешна политика е завиткана во поклонот познат како француски предлог (на кои му претходат декларацијата во бугарското собрание и неколку вета) кој пак ги дефинира позициите на официјална Софија. Во тој контекст, значително му е олесната ситуацијата на Борисов по македонското прашање и не гледам потреба од постизборна заострена реторика, коментира Ранѓеловиќ за „Локално“.

Тој потенцира дека се уште е рано да се констатира премиерска функција за Борисов, „дури би рекол и формирање влада“.

Иво Ранѓеловиќ

Иво Ранѓеловиќ

-Нови избори се исто така извесна опција. Но, изборните резултати ја закопаа надежта на бугарското општество да се издигне над партии и власт кои ги карактеризира корупција и стагнација во поширока смисла. Се испостави дека Трифонов ја одигра улогата за спас на Борисов, а Петков е жртва на суштинските победници на овие избори – партизацијата и ,,рускиот свет’’, подвелкува тој.

Според него проблемите за Македонија кон европскиот пат „се неизбежни“ бидејќи како што вели тој решението на спорот не испорачува услови врз база на симетрија.

-Проблемите се неизбежни бидејќи решението на спорот не испорачува услови врз база на симетрија. Имено, расположението и околностите во Софија ќе бидат главните методи по кои ќе се сервираат или нема да се сервираат нови препреки, блокади и сл. Категоричен сум дека неизвеснота на македонскиот интегративен процес кон ЕУ до самиот крај ќе зависи од политичките динамики во Софија, вели Ранѓеловиќ.

Во бугарското Народно собрание се очекува влез на шест партии и коалиции

Централно-десничарската партија на Борисов ГЕРБ освои околу 25,7 отсто од гласовите на четвртите општи избори во Бугарија во 18 месеци, што значи дека тој сега ќе мора да се обиде да состави коалиција од фрагментираниот политички пејзаж.

ГЕРБ-СДС би добила 25,3 отсто од гласачите, а „Продолжуваме со промената“ 20,2 отсто. Изненадување е што на трето место е „Преродба“ со 13,9 отсто, зад неа е „Движењето за права и слободи“ со 11,9 отсто, Бугарската социјалистичка партија со 8,7 отсто и „Демократска Бугарија“ со 7,6 отсто.

Малку над влезната бариера се „Има таков народ“ на Слави Трифонов 4,4 отсто и „Бугарски подем“ на поранешниот вршител на должноста премиер Стефан Јанев 4,2 отсто.

Бојко Борисов

Бојко Борисов

Природните партии за про-ЕУ, про-НАТО сојуз би биле „Продолжуваме со промената“, предводена од поранешниот премиер Кирил Петков и „Демократска Бугарија“. Меѓутоа во првите реакции по објавувањето на резултатите и двете партии дадоа сигнали дека не сакаат да соработуваат со Борисов.

Петков во минатото навести дека неговата партија би можела да соработува со ГЕРБ само доколку Борисов се повлече од политиката. Другиот проблем е „Движењето за права и слободи“, партијата на етничките Турци, која е на пат да освои околу 13 отсто од гласовите, но нејзината репутација за корупција ја прави непосакуван партнер бидејќи потсетува на врските на Борисов со таа партија.

Б.М.

Слични содржини