Поплавени со панични барања за помош за да се избегне мобилизација, руските адвокати велат дека неуморно работат на советување на оние кои се изложени на ризик да бидат испратени да се борат во Украина.
Адвокатите и граѓанските здруженија велат дека добиле голем број барања за помош откако претседателот Владимир Путин на 21 септември објави мобилизација на 300.000 луѓе за војната во соседната земја.
Стотици илјади избегаа во Казахстан, Грузија и Финска, како и во некои други земји. Многу повеќе од нив останаа во Русија и се кријат од мобилизација, молејќи се да не бидат повикани или надевајќи се на ослободување од службата.
„Работиме без престан“, рече Сергеј Кривенко, кој ја предводи групата од десет адвокати наречена „Граѓанин.Армија.Закон“.
„Луѓето се искорнати од нивниот нормален живот“, рече тој. „Ова е мобилизација без временско ограничување за време на војната. Може да трае со месеци или години. Луѓето можеби нема да се вратат… Да се напушти војската е речиси невозможно. Единствениот начин е смрт, ранување или затвор поради непочитување на наредбите“.
Спроведувањето на мобилизацијата се покажа како хаотично. Иако се најавуваше дека ќе се регрутираат оние со воено искуство и потребното знаење, честопати се покажуваше дека здравјето, студентскиот статус или возраста не се земени предвид.
Путин минатата недела призна дека се направени грешки и рече дека тие мора да се поправат. „На пример, мислам на татковците кои имаат многу деца, луѓе кои боледуваат од хронични болести или оние кои веќе ја поминале возраста за регрутирање“, рече тој.
Гувернерот на областа Хабаровск на далечниот исток во понеделникот изјави дека тамошниот воен комесар бил отпуштен откако половина од регрутите биле испратени дома бидејќи не ги исполнувале критериумите за да добијат повик.
На социјалните мрежи кружат совети како да се избегне мобилизација. Се шират приказни за мажи кои морале да бидат исклучени според јасни критериуми, но сепак биле повикани.
„Оние кои не контактираат се во паника. Не разбираат што се случува“, рече Кривенко.
Дмитриј Луценко, кој раководи со група наречена „Отпуст“ која обезбедува правни совети и информации, рече: „Најдобар начин да се избегне регрутирање е веднаш да се напушти Русија“.