Владата размислува да го продолжи летното сметање на времето

од Nikola Popovski
261 прегледи

Владата на Северна Македонија на синоќешната седница го задолжи Министерството за економија да ја разгледа можноста за продолжување на летното сметање на времето, со цел дополнителни заштеди во општата потрошувачка на електрична енергија.

Зимското сметање на времето започнува на 30 октомври, но неизвесно е дали граѓаните на Северна Македонија ќе ги поместат стрелките еден час наназад.

Преминот од летно во зимско време првпат е забележан во 1916 година во земјите на Северна Европа, а досега е воведен во околу 70 држави, главно на северната хемисфера.

Инаку, во Република Северна Македонија зимското и летното сметање на времето со закон е регулирано во 1996 година.

На седницата беше усвоен нов сет на антикризни мерки во вредност од 350 милиони евра за ублажување на енергетската криза и ценовниот притисок, како План за фискална одржливост и поддршка на економскиот раст.