Премиерот Димитар Ковачевски предлага намалување на платите во јавните претпријатија и институции кои се над просекот, како еден од начините за намалување на трошоците, согласно со Планот за фискална одржливост што го усвои вчера Владата за буџетските корисници.
-Постојат претпријатија и институции во кои што се креираат загуби и кои треба да се покријат од Буџетот, затоа сметавме дека менаџмент тимовите на тие јавни претрпијатија треба да бидат високо одговорно ниво и треба да ги намалат трошоците на своето работење и да ги зголемат приходите на компаниите што ги водат. Еден од начините за намалување на трошоците, каде што има плати далеку над просекот, сметам дека во услови на вакви кризи треба да се намалат, а тами каде што приходите не соодветсвуваат, треба да направат напор да ги зголемат, одговори Ковачевски на новинарско прашање.
Со Планот за фискална одржливост и поддршка на економскиот раст, се задолжуваат сите буџетски корисници, а им се препорачува на единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија и трговските друштва во државна сопственост, во рок од две недели, да достават пополнет акциски план за консолидација на расходите.
Политиката за намалување на расходите, опфаќа Консолидација на расходите за плати и надоместоци, преку намалување за 10 проценти во однос на планираните средства за 2023-та година.