Најновиот скок во цената на храната во Македонија дефинитивно доаѓа од дома. Во септември, во однос на август, цената на храната во Македонија пораснала за 3%, што е огромен раст (на годишно ниво, ова е 36%). Во истото ова време, глобалните цени на храната се намалуваат. Во септември, во однос на август, според податоците на ФАО, цената на храната на светско ниво е намалена за 1.5%, вели во интервју за „Бизнис инфо“ Бранимир Јовановиќ, Бранимир Јовановиќ, економски аналитичар од Виенскиот институт за меѓународни економски студии.
Поранешниот советник во Кабинетот на министерот за финансии е дециден дека треба да се оданочуваат фирмите кои остваруваат високи профити во оваа криза, и тие пари да се пренасочат за помош на оние кои се најпогодени од кризата, а тоа се сиромашните и малите фирми.
-Едноставно, она што се повисоки трошоци за едни, во исто време се повисоки добивки за други. Државите не смеат да дозволат, додека мнозинството граѓани осиромашуваат, мала група луѓе да се богатат, и затоа мора да се постават како современ Робин Худ, вели Јовановиќ.
На прашањето дали за Македонија повеќе одговара прогресивен или рамен данок, без дилема вели „прогресивен“.