Денес да се биде на вистинската страна, значи европски интеграции, примена на европските вредности, постигнување на европскиот животен стандард, придонес во европскиот мир, кажа Премиерот Димитар Ковачевски денеска од централната прослава по повод 11 Октомври повикувајќи се на обединување на сите политички и општествени чинители во остварувањето на стратешката цел – полноправно членство во Европската унија.
– Блокадите на закони и мерки дома, на напредокот на меѓународен план, изолацијата на државата – се погрешна страна! И со ништо не може да се оправда ваквото однесување, бидејќи е современ чин на предавство на својот народ и својата држава, нагласи Ковачевски.
Додаде дека низ нашата историја донесени се тешки одлуки кои барале различни жртви. Во Втората светска војна, како што посочи, тоа биле човечките жртви, а денес кога го имаме дијалогот како средство за помирувачки решенија, никој, според Ковачевски, нема право да ги погази делата на борците, нивната жртва и верба дека еден ден новите генерации ќе живеат во напредна земја членка на ЕУ.