УНГАРСКИОТ премиер Виктор Орбан смета дека САД и Русија треба да преговараат за прекин на огнот во Украина, оценува дека Доналд Трамп би можел да биде надеж за мир и дека со Ангела Меркел денеска нема да имало војна во Украина.
– Примирјето мора да биде договорено не меѓу Русија и Украина, туку меѓу Америка и Русија – нагласи тој за време на дискусијата организирана од „Берлинер цајтунг“ и магазинот „Цицеро“ во Берлин.
Орбан рече дека оној кој верува дека војната може да заврши со руско-украински преговори „не живее на овој свет“, бидејќи реалноста е поинаква.
Тој истакна дека Украина може да се брани од Русија само затоа што е воено поддржана од САД.
– Војната беше отворена денеска само затоа што Американците тоа го сакаа. Еве зошто Американците и Русите треба да се договорат и тогаш војната ќе заврши – убеден е Орбан.
Тој оцени и дека американскиот претседател Џо Бајден не е вистинскиот преговарач за американската страна.
– Тој отиде предалеку – смета Орбан, додавајќи дека Бајден кажал некои работи за Владимир Путин, по што е тешко да се водат преговори.
– Можеби звучи брутално тоа што ќе го кажам, но надежта за мир е Доналд Трамп – рече тој.
Во дискусија организирана од „Берлинер цајтунг“ и списанието „Цицеро“ во Берлин, Орбан, на прашањето што мисли дека е причината за одлуката на Путин да ја нападне Украина, рече дека не сака да одговори на тоа прашање, бидејќи не го интересира Путин, туку Унгарија, ЕУ и кој е европскиот интерес.
– Не знам зошто почна војната – подвлече тој.
Исто така додаде дека анексијата на Крим во 2014 година можеше да доведе до војна, но благодарение на преговарачките способности на тогашната германска канцеларка Ангела Меркел, тоа беше спречено.
На прашањето дали Меркел можела да ја спречи актуелната војна, Орбан јасно одговори: „Со Ангела Меркел денес немаше да имаме војна во Украина“.