Москва нема да исклучи средба меѓу рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Џо Бајден на состанокот на Г-20 следниот месец, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
„Москва беше отворена за разговори со Западот за војната во Украина, но сè уште нема добиено сериозни понуди за преговори“, рече Лавров во интервју за руската државна телевизија.
Тој додаде дека американските претставници, вклучително и портпаролот на Белата куќа за национална безбедност Џон Кирби, рекле дека САД се отворени за разговори, но дека Русија ги отфрлила.
– Тоа е лага. Не добивме сериозна понуда за разговор – рече Лавров.
Тој тврди дека Русија е подготвена да ги слуша сите сугестии во врска со мировните преговори.
– Неколку пати повторивме дека никогаш не одбиваме средби. Ако има предлог, тогаш ќе го разгледаме – рече тој.
Зборувајќи за можноста Турција да биде домаќин на разговорите меѓу Русија и Западот, Лавров рече дека Москва ќе биде подготвена да слуша какви било сугестии, но не може однапред да каже дали тоа ќе доведе до резултати.
Тој рече дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ќе има можност да му претстави предлози на Путин кога и двајцата ќе го посетат Казахстан оваа недела.