ДКСK контра ВМРО-ДПМНЕ за „Броило“: Кон сите пријави постапуваме со еднаков третман

од Nikola Popovski
277 прегледи

ДКСК како самостојна и независна институција постапува во насока на откривање и спречување корупција и судир на интереси во вршењето на власта, јавните овластувања и службената должност, согласно надлежностите утврдени во Законот за спречување корупција и судир на интереси, велат од Антикорупциската комисија за „Локално“, откако претходно партијата ВМРО-ДПМНЕ ја обвини дека „ја презеле улогата на адвокат“ на премиерот Димитар Ковачевски за аферата „Броило“.

Од таму додаваат дека одлуките на ДКСК се јавни и се донесуваат врз основа на релевантни документи и докази.

-Кон сите пријави што пристигнуваат до нашата институција постапуваме со еднаков третман и ги разгледуваме согласно расположливите документи и законските ингеренции што ни стојат на располагање. Истовремено, како транспарентна институција секогаш сме отворена за медиумите и за јавноста, бидејќи само така можеме да го зачуваме јавниот интерес и да ја зајакнеме довербата помеѓу граѓаните и носителите на власта, потенцираат од Антикорупциската комисија. 

ДКСК ги охрабрува сите институции и граѓаните да поднесат претставка за било која институција или јавен функционер, доколку имаат сомневање.

ВМРО-ДПМНЕ претходно соопшти дека ДКСК „побрзале предвреме да го амнестираат Ковачевски од аферата „Броило“.

-Ова отвора сомнеж дека ДКСК позната како антикорупциска комисија е само продолжена рака која го штити криминалот и ја амнестира корупцијата. После да не се чудат институциите за борба против корупција зошто огромно мнозинство од граѓаните не им верува, се вели меѓу другото во соопштението од најголемата опозициска партија.

Во текот на денот, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков и официјално поднесе претставка до ДКСК за премиерот Димитар Ковачевски во однос на гореспоменатиот случај.

Н.П.

Слични содржини