Работата на Собранието е нарушена со политичката поларизација, што го одложува усвојувањето на многу закони. Потребно е добро планирање и консултации за да се ограничи носењето на закони по брза постапка, а пратеничките прашања треба да бидат почести -стои во извештајот ЕК.
Извештајот го презентираше еврокомесарот Оливер Вархеји, кој забележа дека е важно Македонија да го задржи реформското темпо и за време на скринингот да го искористи својот потенцијал за забрзување на реформите.
Македонија покажа посветеност и направи стабилен напредок во имплементирање на европските реформи. Но, земјата мора да ја задржи брзината и да го искористи целиот потенцијал на скрининг процесот за забрзување на спроведувањето на европските реформи“, изјави Оливер Вархеи, еврокомесар за проширување на ЕУ – изјави Вархеји.
Европската Комисија им забележа на институциите во Македонија дека често бараат и наоѓаат решенија во последен момент, па затоа, стои во извештајот, потребен е фокус за ефективна имплементација на постојното законодавство.
Потребни се решителни напори за да се изгради динамика за реформи и придвижување во процесот на преговори со ЕУ. Потребен е особен фокус за да се обезбеди ефективна имплементација на постојното законодавство, наместо да се покренуваат ад хок иницијативи – стои во извештајот.
Европската Комисија предлага, на Јавното Обвинителство да му се стават на располагање дополнителни човечки и финансиски ресурси, пред се за борбата против корупцијата.
Ова е прв извештај за земјава по одржувањето на Првата меѓувладина конференција на 19 јули годинава, откако претходно од 2009 година ЕК континуирано препорачуваше отворање на пристапните преговори, а во 2020 година Европскиот совет ја одобри одлуката за отворање на преговорите.