Трајанов ќе гласа за уставни измени само доколку Софија ги признае правата на Македонците во Бугарија

од Nikola Popovski
199 прегледи

Најголем непријател на Република Македонија е корупцијата и криминалот. Тоа се силите: криминално-политичката мафија која повеќе од 30 години функционира успешно, без да биде загрозена од државни институции. Главен и суштински непријател е криминализацијата и високата корупција. Без искоренување, државата не може да оди напред, вели лидерот и пратеник на Демократски сојуз, Павле Трајанов.

Според него, криминалот и корупцијата „ни ја јадат“ државата и затоа не можеме да функционираме нормално.

-Јас да сум премиер сите ќе ги распуштам и преку конкурс ќе изберам најкомпетентни лица. Не може да биде директор на јавно претрпијатие и сега да вика дека немаме јаглен, мазут или недостигаат стратешки производи, истакна Трајанов во емисијата „Студио 10“.

На прашање на водителот во однос на уставните измени и дали доколку утре има седница во Собранието за отворање на Уставот и внесување на бугарското малцинство во преамбулата, Трајанов вели дека ќе гласа „за“, само врз основа на реципроцитет.

-Доколку Софија се согласи да ги признае правата на Македонците, тогаш немам никаков проблем. Немам против 3500 Бугари да бидат дел од Уставот, но бидејќи ова се прави со услови и вето, барам тоа да биде на реципрочна основа и мал чекор од Бугарија за имплементирање на судските одлуки од Стразбур, рече Трајанов и додава:

-Треба да бараме во Советот на Европа да го отворат прашањето за македонското малцинство во Бугарија. Таму имаме по потекло два милиони Македонци. Замислете колкава е таа сила доколку се организираат во политичка партија? Ќе имаат големо влијание во носење на одлуки во бугарската влада и парламент.

Слични содржини