Вчера имав гостин од странство, висока делегација. Ми кажа една реченица – „Конечно ЕУ ве награди со преговори во јули оваа година.” Јас и кажав – „Би ја парафразирал вашата реченица. Ние сме тие кои го спасивме образот на ЕУ.” Зошто, затоа што како ниедна држава требаше да донесеме одлуки кои што беа тешки и кои што предизвикуваа лоши чувства кај нашите граѓани, изјави претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски кој денеска се обрати на настан посветен на Извештајот на Европската комисија: “На Европскиот пат: нови реформи, нови можности”, во организација на Секретаријатот за европски прашања.
Ковачевски меѓу другото истакна дека ние сме единствена држава којашто за да пристапи кон ЕУ и пред тоа кон НАТО треба да го смени името на својата земја.
-Второ, јас бев дел од преговорите со Република Бугарија. Тие преговори за мене и за граѓаните на оваа држава предизвикуваа чувство, јас го имав тоа чувство и го делам чувството на граѓаните, како некој со нож да ви го сече стомакот. Но, на крајот на денот треба да донесете одлука, дали државата ќе оди во ЕУ, таму каде што има економски напредок, социјална правда и таму каде што има владеење на демократијата. Или ќе седите дома, сами и изолирани, раскарани со сите, вели премиерот.
Ковачевски е убеден дека до 2030 година нашата држава може да стане членка на ЕУ, бидејќи досега 45% од европското законодавство е усогласено со нашето законодавство.
-Ние имаме тимови, стручњаци кои со години се во министерствата кои што знаат што треба да направат во делот на усогласување на законодавството. Не рековме дека сме најпаметни, го зедовме најискусниот преговарач кој постоеше во овој регион, главниот преговарач на Хрватска којшто беше и постојан претставник на Хрватска во ЕУ, кој беше советник на нивниот премиер сега е главен советник на нашиот главен преговарач. Ако сакате да играте во големата лига тогаш мора да имате играчи од големата лига во вашиот тим, рече премиерот.