Пред стартот на грејната сезона, Ковачевски во увид на топлинските капацитети

од Берта Китинска
135 прегледи

Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски изврши увид во системот за обезбедување топлинска енергија за градот Скопје, пред утрешниот почеток на грејната сезона.

„Ковачевски ја посети топланата Исток, производен капацитет кој произведува 70% од топлинската енергија за потрошувачите во градот Скопје, и која заедно со топлана Запад од оваа грејна сезона е под стопанисување на АД ЕСМ, односно друштвата за топлинска енергија на ЕСМ.Увид беше извршен и во подготвеноста на подружницата Енергетика, пред сè во текот на активностите за санација на топловодна мрежа во должина од 80м во Автокоманда, Oпштина Гази Баба, заради ефикасна испорака на топлинска енергија“, информираа од ЕСМ.

Регулаторната комисија за енергетика издаде лиценци за регулирано производство на топлинска енергија, за дистрибуција на топлинска енергија и за снабдување со топлинска енергија на ЕСМ.

Со издавањето на овие лиценци се исполнети сите предуслови што се потребни за започнување на грејната сезона во градот Скопје на 15 октомври. Ова го најави денеска на прес конференција Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.

„Регулаторната комисија за енергетика донесе три одлуки за вршење на енергетски дејности од делокругот на топлинската енергија. Првата одлука е за издавање лиценца за вршење на енергетска дејност регулирано производство на топлинска енергија на ЕСМ продажба ДООЕЛ Скопје. Втората одлука е за издавање лиценца за вршење на дистрибуција на топлинска енергија на ЕСМ дистрибуција на топлина ДООЕЛ Скопје. Третата е одлука за издавање лиценца за вршење на енергетска дејност снабдување со топлинска енергија на ЕСМ снабдување со топлина“,рече Билимоски.