Заради регулирање на потрошувачкиот однос на снабдувачот со потрошувачите утврден во Правилата за снабдување со топлинска енергија, потребно е да се склучи Договор за снабдување со топлинска енергија. За таа цел потрошувачите на чии име се води парното греење во домот/објектот, потребно е да се обратат во пунктовите на ЕСМ Снабдување со топлина ДООЕЛ Скопје, каде во куса постапка ќе им биде приложен на потпис Договор со новиот снабдувач, кон кого ќе ја имаат обврската за плаќање на услугата. Договорот е ист како и досега, и е одобрен од Регулаторната комисија за енергетика – информираат од ЕСМ – Снабдување.
За да се склучи новиот договор, граѓаните треба со себе да понесат документ за лична идентификација и фактура (или копија) за топлинска енергија од претходниот снабдувач.
Склучувањето на договорите може да се изврши на три пункта – Центар на улица Кочо Рацин број 33 кај Олимписки базен, пункт Исток на улица Јане Сандански број 49 во населба Аеродром и пункт Запад на улица Лондонска број 8 во Тафталиџе. Пунктовите се отворени за грашаните секој работен ден од 8 до 18 часот и во сабота од 9 до 13.30 часот.
-Корисниците можат веднаш да пристапат кон пунктовите со цел склучување на договорите. Напоменуваме дека ЕСМ Снабдување со топлина ДООЕЛ Скопје ќе им овозможи на граѓаните соодветен временски период за регулирање на обврската, и дека доколку од различни причини корисниците не успеат да склучат нов договор до крајот на месецот, греењето непрекинато ќе се испорачува и во ниеден момент испораката нема да биде загрозена – велат од компанијата.
Оттаму додаваат дека корисниците кои нема да ги склучат договорите по овој повик, ќе бидат контактирани од ЕСМ – Снабдување, со цел да се изнајде термин соодветен за потрошувачите за склучување на договорот, со оглед на тоа што одредени корисници може да бидат отсутни во следниот период или од различни лични, здравствени и други причини да не можат да се јават на пунктовите.
Компанијата ќе им излезе во пресрет на корисниците кои не можат да ги напуштат своите домовиќе и ќе им овозможи договорот да го склучат во нивниот дом.
Поради повеќе прашања пристигнати до Службата за грижа на корисници, ги информираме корисниците дека не е правно возможно преземање на постоечките договори со претходниот снабдувач, односно е единствено можно да се склучат нови договори. Новиот снабдувач во следниот период ќе воспостави и сопствен систем за он лајн наплата – објаснуваат од ЕСМ Снабдување.