Претседателот на Собранието Талат Џафери, на денешната, 88. собраниска седница ја констатираше оставката на досегашниот министер за локална самоуправа, Горан Милевски. Седницата првично беше закажана за 11:00 часот, но од технички причини беше двапати одложена по што стартуваше во 16:00 часот.
Џафери информираше дека Милевски нема да ја образложи оставката која ја поднесе на 20 септември од лични причини.
Горан Милевски e член на Либерално-демократската партија од 1995 година, а од 2015 година ја извршува функцијата претседател на ЛДП. За министер за локална самоуправа, пак, е избран на 27 јуни 2019 година.
Милевски ќе остане претседател на ЛДП се до редовниот конгрес на партијата што треба да се одржи во декември кога ќе треба да се избере ново раководство.
Наместо него, на министерското столче се очекува да седне неговиот сопартиец и поранешен градоначалник на град Скопје, Ристо Пенов. Пратениците утре ќе дискутираат за предлогот за избор на Пенов.