Путин го информирал Ердоган за обид за диверзија на гасоводот „Турски тек“

од Stefanija Kuzmanovska
167 прегледи

Рускиот претседател Владимир Путин го информирал турскиот лидер Реџеп Тајип Ердоган за обидот за диверзија на гасоводот „Турски тек“, а Анкара и Москва се во контакт за безбедносни прашања, изјави портпаролот на турскиот претседател Ибрахим Калин.

„Известени сме за ситуацијата. Според нив, диверзијата е извршена на делницата која се наоѓа на руска страна. Има уапсени. Руската страна ја префрла целата одговорност на украинската страна. Имаат зголемени безбедносни мерки. Ние сме во контакт по тоа прашање“, изјави Калин во интервју за телевизијата „Хабер“.

Турција и Русија се во контакт во врска со гасот и нема проблеми со испораките и плаќањата, додаде Калин. Зборувајќи за можноста за средба меѓу лидерите на Русија и Украина во Турција, Калин рече дека во моментов нема предуслови за средба меѓу Путин и украинскиот лидер Владимир Зеленски.

Путин претходно објави дека режимот во Киев се обидел да предизвика експлозија на една од делниците на гасоводот „Турски тек“. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, објави дека саботери кои се обиделе да го извршат тоа биле фатени на руска територија.