Турските власти соопштија дека уапсиле повеќе од 500 лица осомничени за врски со проповедникот Фетулах Ѓулен, кого претседателот Реџеп Таип Ердоган го обвинува дека е организатор на обидот за пуч во 2016 година.
– Издадени се 704 потерници, а уапсени се 543 лица, изјави турскиот министер за внатрешни работи Сулејман Сојлу.
Операцијата, спроведена во 59 од 81 провинција во Турција, беше насочена кон финансиската структура на „терористичката организација ФЕТО“, акроним што Анкара го користи и се однесува на движењето на Ѓулен.
Уапсените беа осомничени дека примиле или прераспределиле пари испратени од странство од поддржувачи на проповедникот, кој живее во САД.
Ердоган смета дека Ѓулен (81) е иницијатор на обидот за пуч во јули 2016 година.
Од тој неуспешен пуч, турските власти уапсија повеќе од 300.000 луѓе, особено во редовите на полицијата, судството, војската и интелектуалците.