До денеска јас немам примено никакво писмено известување од Антикорупциската комисија во врска со прекршок и во врска со некакви податоци за Јавното обвинителство. Затоа не можам да изнесам детали за што всушност се работи. Она што го знам произлегува од фактичката состојба, а тоа е дека мојот имот го имам пријавено на време во комисијата, додека фирмата која се споменува како непријавена јас не сум ни можела да ја проијавам, вели претседателката на Судскиот совет, Павлина Црвенковска, која одговараше на новинарски прашања во врска со информациите пласирани од некои медиуми, а кои се однесуваат на нејзината имотна состојба.
„Кога го доставив мојот анкетен лист, до Антикорупциската комисија испратив и допис во кој образложувам зошто фирмата, која порано била на мојот сопруг, не можам да ја пријавам. Таа фирма ја презеде стечаен управник и стечајната постапка таму е завршена. Оттаму мојот сопруг многу одамна нема никаква врска со таа фирма што значи како да пријавам нешто кое не е во негова сопственост“, истакнува Црвенковска.
Што се однесува до некакви податоци за Јавното обвинителство, за кои обвјавија медиумите, таа нема никакви информации.
– Ќе мора прво да добијам некакво известување за да знам за што се работи, па дури потоа ќе можам да коментирам, додаде претседателката на Судскиот совет.