Црвенковска: Потребни ни се судии отпорни на притисок кои ја ценат европската пракса

од Vladimir Zorba

„За Судскиот совет од приоритетно значење е да има квалитетни судии, посветени на професијата и способни навремено да се справуваат со предметите. Јасно е дека колку поефикасни и поодговорни судии имаме толку правдата што ја испорачуваат ќе биде побрза и поефикасна, а тоа ќе претсатвува гаранција за почитување на правата на граѓаните и на владеење на правото. Судскиот совет се стреми токму кон тоа – преку мерливи квалитативни критериуми да ги избере или да ги унапреди судиите со цел судскиот систем да го направи функционален и достапен, а одлуките на судиите да бидат законити и донесени врз основа на пропишани правила.“- истакна Павлина Црвековска, претседателка на Судскиот Совет, на конференцијата „Влијанието на мерит системот врз судската независност и професионалност“, организирана од Коалиција „Сите за правично судење“, а поддржана од Амбасадата на САД.

Таа нагласи дека Судскиот совет има донесено два правилника, едниот за рангирање на кандидати за судии од Академијата за судии и јавни обвинители, а другиот за рангирање на судија во повисок суд. Двата документа јасно прецизираат какви судии му се неопходни на судскиот систем, и според таквите критериуми ќе се избираат и оценуваат судиите.

„Аспектите кои се земаат предвид при интервјуто на кандидатите практично опишуваат профил на професионален, одговорен и решителен судија. Кандидатот треба да има способност функцијата да ја извршува етички, морално и одговорно. Пристапот кон правдата да му биде преку аргументи со игнорирање на личните предрасуди, да ги познава аспектите на правна материја, на правичноста и на правната сигурност. Важен предуслов е и тоа колку кандидатот ја цени европската пракса колку е отпорен на притисоци и дали е подготвен да работи со обемна материја. Тука, секако дека е важна и комуникацијата, односно судијата мора да биде прецизен, јасен, сеопфатен и преку комуникацијата да стигнува до решенија и договори.“- посочи Црвековска.

Таа ги издвои и методологиите усвоени од Судскиот Совет во изминатиот период. Едната е за оценување на работата на судиите преку исполнување на квалитативни критериуми, а другата е за утврдување на сложеност на предмети.

„Постојат индикатори за утврдување на квалитетот за ажурно постапување по судските предмети, односно дали судијата ги почитувал сите рокови за процесни дејствија, за носење одлуки, како и за почитување на правата на граѓаните. Што се однесува до Методологијата со индикатори за сложеност на предмети кој преставува документ преку кој во АКМИС системот, на одреден образес ќе се внесуваат податоци значајни за одреден предмет, како што се бројот и видот на докази, бројот на сведоци,бројот на странките, бројот на оштетените, временска претпоставка за колку судења ќе заврши процесот, како и други податоци преку кој предметот ќе се класифицира според својата сложеност. Таквата сложеност ќе ги означи предметите за потоа полесно да се направи нивна распределба, односно оној судија што ќе има посложени предмети да ги има во помал број, додека оној судија кому ќе му припаднат помалку сложени предмети да може да има поголем број предмети за постапување. Ова ќе му помогне на судијата да биде поорганизиран, поефикасен и побрз во одлучувањето што ќе значи негов квалитет и знаење и ќе го направи порелевантен за напредување.“- заклучи Црвековска на конференцијата „Влијанието на мерит системот врз судската независност и професионалност.

Слични содржини