Министерот за економија Крешник Бектеши денеска на прес- конференција во Владата ја презентираше анализата за заштеда на електрична енергија во септември споредено со истиот месец минатата година од страна на сите органи на државната управа, државни институции и јавни претпријатија. Според анализата остварена е вкупна заштеда од 20% на потрошувачката на електрична енергија.
„Согласно податоците на Министерството за економија обезбедени од Електродистрибуција АД Скопје за потрошувачката на електрична енергија од министерствата со сите подрачни единици, Владата, Судовите и Собранието, Кабинетот на претседателот, како и ЕЛЕМ и МЕПСО направена е вкупна заштеда на електрична енергија од 20%.
Доколку се анализираат податоците земени од потрошувачката само на административните згради на Министерствата, Претседател на РСМ, Собрание на РСМ, Влада на РСМ, АД ЕСМ, АД МЕПСО заштедата на струја изнесува 25%.
При што 6 субјекти имаат намалена потрошувачка на енергија во септември, но немаат остварено заштеди од 15% согласно задолженијата, додека останатите субјекти имаат остварено заштеди од 15%-73%, повеќето од 25% до 35%. Единствено административната зграда на Министерството за локална самоуправа, има зголемена потрошувачка на енергија за 81% во септември 2022, споредено со истиот месец 2021 година“, вели Бектеши.