Омбудсманот со нова иницијатива: Извршителите да наплаќаат казнена камата не поголема од главниот долг

од Берта Китинска
151 прегледи

Народниот правобранител Насер Зибери ќе достави Иницијатива за измени на Законот за облигациони односи и Законот за извршување, кои се однесуваат на прашањето на казнената камата.

Тој предлага казнената камата да не може да биде поголема од основниот долг, односно измените одат во насока која, кога каматата ќе ја достигне висината на главниот долг и истата да престане да тече.

„Предлогот вели казнената камата престанува да тече кога сумата на втасаната и неисплатена камата ќе ја достигнат главницата. Следствено на оваа, треба да се направат измени и во Законот за извршување, каде што треба да се додаде член кој би гласел, кога сумата на втасаната, а неисплатена камата ќе ја достигне главницата, извршителот во постапката на извршување престанува да пресметува и наплатува законска казнена камата”, рече тој.

Според Зибери, заради доследна гаранција на уставното начело на правна сигурност на граѓаните како составен дел од принципот на владеење на правото, во преодни и завршни одредби на овие закони да се уреди дека овие измени ќе важат и за постапките кои се во тек пред извршителите како поповолно решение во споредба со сегашните.

Потребата од измени, Омбудсманот ја илустрираше со неколку примери во кои на граѓаните долгот им се наплатува со задршка од една третина или една петтина од нивните плати или пензии.

„Пример, извршувањето почнува во 2013 година, треба да се наплати камата од 2010 година. Се спроведува забрана на една третина од пензија. Главниот долг изнесува 371.367 денари до 2022 година кога странката се обраќа кај Народниот правобранител. За девет години наплатени се 885.138 денари од кои 783.628 денари се на име на камата на главниот долг, а за наплата остануваат уште 433.604 денари. Значи, за долг од 371 илјади се наплатува само камата 783.628 денари и истата продолжува да тече”, рече Омбудсманот, рече тој.

Слични содржини