Министерство за локална самоуправа: Не потрошивме повеќе електрична енергија, туку заштедивме 43 отсто

од Nikola Popovski
173 прегледи

Информацијата што денес ја објавија повеќе медиуми повикувајќи се на официјални податоци од Владата дека Министерството за локална самоуправа потрошило за 79 отсто повеќе струја во септември оваа година во споредба со септември лани, содржи неточни и невистинити податоци, велат од Министерството.

-Веста, за жал, се заснова на погрешни податоци содржани во официјалната Информација со споредбена анализа за потрошена електрична енергија од државните институции која беше усвоена на вчерашната седница на Владата. Според таа информација, Министерството за локална самоуправа во септември оваа година потрошило 14.908 киловатчасови, што е неточен податок.

Според евиденцијата во книговодството на Министерството за локална самоуправа – доставените фактури од ЕВН за периодот од 01.09.2022 до 30.09.2022 година министерството потрошило вкупно 4701,45 киловатчасови електрична енергија, а во споредбениот период од 01.09. до 30.09.2021 вкупно 8245 киловатчасови.

Тоа е значајно намалување или заштеда за 43 отсто електрична енергија, што го вбројува министерството во државните институции и министерства кои заштедиле најмногу, се вели во демантот на Министерството за локална самоуправа.

 

Слични содржини