Шаќири, вработена во ЈСП: „Не можеме вака да издржиме“

од Берта Китинска
247 прегледи

Очекувам што побргу да ни се исплатат платите, не можеме вака да издржиме. Јас гладна легнувам, гладна станувам, до тој степен сме дојдени, вели Макфире Шаќири која работи како возач во ЈСП во изјава за 24ТВ.

Таа вели дека очекува проблемите во претпријатието да се решат побрзо.

-Се надевам дека овој проблем ќе се реши побргу, жалам за патниците, за луѓето кои одат на работа и училиште, но се надевам дека нема да трае оваа состојба долго и наскоро ќе се вратиме на работа, кажа Шаќири.

Автобусите на ЈСП утрово останаа паркирани во двете бази на претпријатието во Ѓорче Петров и Автокоманда.

Вработените уште од 04:30 часот утринава се собрани во кругот и јавното претпријатие барајќи исплата на септемвриската плата.Но наместо плата вработените во ЈСП „Скопје“ заработија кривична пријава од Градот.

Од Јавното претпријатие велат дека дваесетина луѓе од ССМ и т.н. независен синдикат на ЈСП ги спречуваат возачите на автобуси редовно да си ги вршат своите работни задачи, спротивно на член 35 од Законот за Јавните претпријатија со кои се уредува начинот на штрајк.

-Поради ова, Град Скопје ќе ги почитува законските мерки и ќе поднесе соодветни кривични пријави против лицата кои го попречуваат редовното функционирање на јавното претпријатие и го држат во заложништво Скопје и скопјани.

Уште вчера Град Скопје подготви одлука за пренамена на средства со кои ќе се обезбеди исплата на последната плата која доцни 5 дена поради неисплата на долгови кон претпријатието од страна на Министерство за образование и општините, се вели во реакцијата на ЈСП.

Од таму апелираат членовите на управниот одбор на ЈСП да постапат согласно нивните законски обврски, во спротивно ќе бидат дел од кривичната пријава поради незаконско организирање на штрајк и попречување на работата на претпријатието.

Слични содржини