Ноќта од средата кон четвртокот во Бловатз на североистокот на Германија изгоре хотел во кој беа сместени бегалци од Украина, а пред тоа на ѕидот од хотелот се појавија кукасти крстови.
„Шокиран сум и лут. Досега не сме имале никакви активности овде со десничарска радикална позадина“, рече градоначалникот на Бловатз, Тино Шмит.
Тој рече дека досега немало непријателство кон бегалците од Украина.
Пожарот почнал да се шири од предниот дел на зградата во средата навечер, а до четврток наутро зградата на хотелот била целосно опожарена. Хотелот беше историска зграда покриена со трска, што е карактеристично за северот на Европа.
До средата вечерта во хотелот биле сместени 14 бегалци од Украина, кои биле навреме евакуирани.
Во понеделникот, социјалните работници кои се грижат за бегалците пријавија и дека некој нацртал кукасти крстови на ѕидот од хотелот. Полицијата истражува можна поврзаност на овој настан и палењето на хотелот.